ЗА СУРОВО И ВКУСНО

Сурово и вкусно е првиот македонски блог за жива и готвена веганска храна, и претставува збир на рецепти и белешки поврзани со храната од растително потекло, нејзината корисност и влијанието врз човековиот организам. Темите и информациите се инспирирани од светски автори, raw foodist-и и луѓе кои што се на било каков начин инволвирани во ваквиот тип на исхрана.

Овој блог во најголем дел содржи мои лични текстови (кои се резултат на се што сум читала и следела во врска со ваквата исхрана во последниве десетина години), референци од други блогови и веб страни, и рецепти проследени со сопствени фотографии. Зад мене не стоеше никаков тим на гурмани, новинари, едитори, фотографи, маркетинг агенти и лица за односи со јавноста (барем не до сега!). Единствениот тим за поддршка (а секако и критика) во изминативе 3 години беа мојот сопруг и нашите 3 деца, најблиската фамилија, и пријателите кои што имале прилика да ги пробаат рецептите што ги припремам за овој блог.

Сите рецепти на овој блог се инспирирани од светски „сурови кујни“ и се модифицирани според состојките достапни на локалниот пазар и мојот личен вкус. Фотографиите од рецептите кои што сум ги припремила и презентирала тука се оригинали и се моја лична сопственост и не смеат да се употребуваат за други намени без моја лична дозвола.

Неодамна решив да ја отворам својата кујна и за јавноста, со што голем дел од јадењата за кои до скоро само блогирав сега се веќе достапни за скопјани. Сегашниот тим на Сурово и вкусно го сочинуваат личности кои веќе имаат добро познавање и лично искуство со ваквиот начин на исхрана, и работат со многу љубов и посветеност да ви ја пренесат позитивната енергија што оваа храна ја нуди.

Сакам да нагласам дека јас не сум стручно лице на оваа тематика, и не сугерирам исклучително ваков тип на исхрана, ниту пак превземам одговорност за било какво влијание на истата врз поедини личности. Доколку сакате да се преориентирате на сурова храна, и посебно доколку тоа е поради здравствени причини, ве советувам најпрво да се консултирате со доктор, нутриционист или друго стручно лице.

Искрено се надевам дека ќе пронајдете корисни информации во овие текстови.

Која сум јас? 

Како мајка на 3 деца на возраст од 8, 5 и 3 години, слободно време скоро и да немам. А во ретките моменти кога ќе ми се создаде прилика, поминувам околу 30-тина минути во кујна, експериментирајќи со нови рецепти за неготвена храна, кои потоа ги уживам со најблиските.

Како почна се?

Прв пат слушнав за сурова храна како основен и единствен тип на исхрана во 2006 година и веднаш ме воодушеви едноставноста на објаснувањето дека „only life creates life“ (само животот создава живот), и дека внесувајќи жива (сурова) храна и даваме живот на секоја клетка од нашиот организам.

Прочитајте повеќе за почетокот на мојата „сурова“ авантура ТУКА… 

Со желба за поздрав и посреќен живот,

Ана Азгоур
креатор на Сурово и вкусно

Пишете ми на: 
Facebook.com/Аna.Аzgour

Facebook.com/surovoivkusno