ЗА ИМЕТО

Чувствувам дека треба јавно да се изјаснам по прашањето за името…. Не, не за името Македонија и несогласувањето со нашиот јужен сосед (иако во мене почна да работи она патриотското, како кога ќе слушнам некој да ја нарекува мојата земја со име коешто не и е законски дадено). Овде сакам да се изјаснам за името на овој блог и (не)правилноста на зборот „сурово“.

Поедини посетители на блогот и Фејсбук страната ми сугерирале дека зборот „суров“ е погрешен и значи немилосрден, и дека точниот израз е „сиров“. Се прашувам колкумина од нив отвориле Македонски речник, и каде конкретно го сретнале тој израз?!

Јас лично моментално држам речник во рака: Англиско-Македонски и Македонско-Англиски, на Зозе Мургоски, печатен во 2008г, во кој што стои:

RAW /adj/ – суров (храна); жив (месо); необработен (податоци)

СУРОВ /adj/ – raw

Од зборот „сиров“ ни траг!

Прочепкав и по интернет, и еве што најдов:

Дигитален Речник на Македонскиот Јазик

суров

сурови; сурова; +
Вид збор: Придавка
Англиски: raw

Примери: Сурови дрва.

Закон за Безбедност на Храната и на Производите и Материјалите што доаѓаат во контакт со храната: Член 2, Точка 3 – “Сурова храна” е секоја храна соодветна за употреба без значителна промена на нејзината првобитна состојба.

Терминот „сурова храна“ го потврдив како точен и со наш Лектор. Потекнува од зборот „суровина“, што значи непреработена.

„Сирова“ е србизам, прифатен како наш можеби затоа што информациите на оваа тема, кои што се достапни преку интернет, се во најголем дел од српски веб страни, автори, доктори, итн. Информации на македонски јазик скоро и да нема. Дури и ако го најдете зборот „сирова“ во некој македонски речник (а јас таков не сум видела), во најмала рака можам да кажам дека и двата збора се точни. Но во никој случај нема да прифатам дека зборот „сурова“ е погрешен во овој контекст.

Е сега, тоа што некој „сурово“ го толкува како „немилосрдно“, тоа е лична преференција. Исто како што е моја лична преференција живата храна да ја нарекувам „сурова храна“.

А може да се гледа и како игра на зборови со двојно значење, да не речам маркетинг трик: ем сурова (немилосрдна), ем вкусна! (за оние кои не веруваат дека живата храна навистина може да биде вкусна)! Многу јазици имаат зборови со повеќе значења, па така и нашиот…  Башка и Google требало да биде Googol, ама не е, и никој ништо не им може! :)

Иако можеби некои од вас и понатаму не се согласуваат со мене на оваа тема, се надевам дека ќе продолжат да ги уживаат бенефициите на оваа храна, без разлика колку и да е литературата сурова!

За здравје и позитивна енергија,

Ана