Рефлектирање на 2014

2014-12-20-12.14.29-731x1024

Декември – време за рефлектирање на годината која изминува и поставување на нови цели за годината која доаѓа.

Деновиве на неколку наврати се фаќам себеси како ги анализирам изминатите 12 месеци, сите убавини и предизвици кои ми се случија, и како тие влијаеа врз моето секојдневие. И сфаќам дека најголемиот дел од убавите нешта беа поврзани со живата и веганската храна. Па дури и оние понеубави нешта на крајот си најдоа некаква позитивна поврзаност со оваа храна.

Водена од позитивната енергија која ме опкружува откако го почнав ова мое патешествие, 2014 ја започнав со нешто ново. Си подарив време за себе: ПОЧНАВ ДА ВЕЖБАМ ЈОГА. Беше зима, часовите беа навечер, кога веќе се чувствував истрошена (верувајте, три деца на возраст под 8 години секогаш наоѓаат начин како да ми ги потрошат батериите!). На почетокот, скоро секое излегување од дома водев војна со себе и се убедував дека морам да одам и дека не треба да се откажувам. Секако дека ми требаше време да ги научам основните техники на дишење, растегнување и опуштање… Но најважно од сè, ми требаше време да научам да го исклучам мозокот, да бидам сто процентно присутна на часот, посветена само на себе и на тоа што го правев во моментот. А во оние моменти кога успевав да го достигнам тоа ниво, се чувствував како да одам по облаци! Како да сум отспала еден час и така освежена можев да останам будна уште дополнителни два-три часа, да читам, да истражувам, да блогирам и да се дружам….

Пролетта ми донесе многу стресови и грижи. Две мои многу блиски и драги личности се судрија со една од најстрашните болести и бев на различни начини инволирана во оваа нивна битка. Читав, ги советував, спремав храна, организирав хуманитарен настан, им помагав во дел од одлуките… Денес, овие мои драги личности се добри, и се 100% на веганска и барем 70% на жива храна! :)

Летото е мое годишно време! (да, лав сум во хороскоп!) :) И токму во овие најтопли месеци мојата креативност достигнува колуминација, а мојата подготвеност за нови предизвици е нескротлива. Ова лето ја донесов најголемата одлука до сега во мојот професионален живот, да започнам еден нов проект поврзан со нешто што веќе 2 години беше дел од моето секојдневие, нешто што ќе ми помогне да продолжам да се развивам на личен и професионален план… нешто што, пред сè ме исполнува!

Во меѓувреме одлучив да направам пауза со јогата и да пробам нешто подинамично: POWER PILATES. Иако успеав да му посветам само еден месец пред да се затрупам со обврски околу проектот, сепак, беше доволно да го осетам вкусот на интензивното вежбање (и пот!), да забележам подобрување во сопствената издржливост и сила, и да им се восхитувам на девојките кои тренираат подолго време и зрачат со моќ и со самодоверба! Ова ми беше доволно за да си ветам дека штом се стабилизирам со новите обврски, повторно ќе се вратам на вежбање.

Цела есен работев напорно кон реализирање на проектот, и токму пред крајот на годинава успеав да ја отворам мојата прва КУЈНА ЗА ЖИВА И ВЕГАНСКА ХРАНА! Одлична завршница, нели? :)  

Ете, тоа беше МОЈАТА 2014…. Нека 2015 ни донесе уште повеќе убавини – ЗДРАВЈЕ, ЉУБОВ И БЕРИЌЕТ!  

Среќни празници и уште посреќна НОВА ГОДИНА

… и секако, не заборавајте да сонувате ГОЛЕМИ соништа! 

од Ana Azgour

Како мајка на 3 деца на возраст од 8, 5 и 3 години, слободно време скоро и да немам. А во ретките моменти кога ќе ми се создаде прилика, поминувам околу 30-тина минути во кујна, експериментирајќи со нови рецепти за неготвена храна, кои потоа ги уживам со најблиските.